Вики Чадиковскаавтор: Виолета Чадиковска, новинарка

Несанкционирањето на говорот на омраза во земјава прeтставува сериозен предизвик за спречувањето на неговото ширење. Социјалните мрежи и онлајн медиумите го интензивираа влијанието  на ширењето на говорот на омраза и дискриминацијата,  во време кога светот е исправен пред пандемијата од КОВИД-19. Компаративните анализи укажуваат дека присуството на говорот на омраза е намалено кај традиционалните медиуми, но затоа, пак, бележи прогресивен раст онлајн. Во земјава, засега,  има само една судска разрешница поврзана со говорот на омраза, а тоа е сериозен проблем.

ПРАВО НА СЛОБОДА НА ИЗРАЗУВАЊЕ И СЛОБОДА НА ИНФОРМИРАЊЕ

Секој има право на слобода на изразување и слобода на информирање. Но, тоа право не е апсолутно. Со секое право, следи и обврска за одговорност. Јазикот на кој се говори во јавноста е една од најважните алатки кои имаат стратегиско значење во справувањето со говорот на омраза и дискриминацијата, покрај законската регулатива. Токму тој треба да биде појдовната основа со која треба да отпочне  стратегијата за справување со говорот на омраза.

Правото на слобода на изразување претставува едно од најважните човекови права. Ова право ги интегрира: правото на слободно дистрибуирање информации кои содржат факти или вредносни судови, и правото на добивање информации, односно правото на јавноста да биде информирана.

Правото на слободно изразување е најзначајната придобивка во поглед на човекови слободи. Тоа е директен одраз на човековата личност. Без неговото почитување, нема демократија. Во одредени ситуации, исполнувањето на ова право може да ефектуира предизвикување на функционалноста на друго право, кое е еднакво по важност- правото на заштита на личноста. Во оваа насока, правото на слободно изразување не е апсолутно право.

Медиумите имаат мошне значајна улога при разгледувањето на клучните аспекти кои ги опфаќаат овие права,  особено поради фактот што токму медиумите се значајни во креирањето на  демократската култура. Демократската култура е  поширока од кој било политички систем. Токму поради тој факт, важна е улогата  која ја имаат медиумите. Тие  ѝ помагаат на јавноста да се информира и да ги надградува своите видици. Во таа насока, дебатите кои се водат се од круцијално значење. Дијалогот кои се одвива преку медиумите, без разлика за која форма на медиум станува збор-традиционални или онлајн, мора да тече одговорно, со сите нишани на етичките рамки. Притоа, мора да се нагласи дека сите се важни и медиумите кои придонесуваат да се следи дијалогот, и актерите кои го водат тој дијалог, но и институциите и граѓаните. Дигиталната ера нуди многу можности за брзо патување на информациите при остварувањето на слободата на говор и информирање, притоа во ниеден миг не треба да се изостави одговорноста која ја наметнуваат основните принципи на новинарската работи и етичкото новинарство.

Дигиталните медиуми денес овозможуваат секое лице да стане потенцијален новинар. Но, фактите говорат дека користејќи ја оваа можност, многумина ги прекршуваат етичките стандарди на професионално новинарско известување. Ова не е само локален, туку и глобален тренд. Во  таа насока, кога зборуваме за сите овие аспекти, многу важно е да се осигури дека почитувањето на правото на слобода на изразување не предизвикува повреди на други права. Правната регулатива мора да ги обезбеди сите услови за да го овозможи почитувањето на правото на слободното изразување од една страна, но и да овозможи неприфаќање на говорот на омраза и навредливиот јазик да станат  комуникациска форма која е прифатлива.

ДЕФИНИРАЊЕ НА ГОВОРОТ НА ОМРАЗА И ДИСКРИМИНАЦИЈА

Не постои универзална дефиниција на говорот на омраза, но во суштина терминолошки  овој поим го опфаќа секој начин на изразување кој промовира омраза кон едно или повеќе лица поради нивните лични карактеристики или припадноста кон одредена група или заедница.

Советот на Европа во своите препораки за информациски манипулации, содржани во Извештајот објавен во 2017,  говорот на омраза и дискриминацијата ги вметнува во категоријата mal-information, која ако ја преведеме, би добиле термин наштетувачки информации.

Според извештајот, нарушувањата на информациите се категоризирани во три категории:

  • Недоразбирање- Недоразбирањето или погрешно информирање е грешка во пренесувањето на веста, без намерна манипулација. Во оваа категорија се информации со погрешен контекст, погрешно протолкувани или нецелосно пренесени информации;
  • Дезинформирање- Намерно, свесно или смислено манипулирање со цел да се предизвика штета. Оваа категорија ги опфаќа информациите од манипулативна природа, фабрикуваните информации, ‘клик бејт’, спин, свесно мешање на вистинити со невистинити информации, вадење од контекст, мешање на коментар со информација, целосно невистинити информации, измислени информации, псевдонаука и слично;
  • Штетно/наштетувачко информирање-свесно злоупотребување на одредени информации кои би можеле да предизвикаат штета. Говор на омраза, дискриминација и податоци кои се приватни, а протекуваат во јавноста со цел да предизвикаат штета се видови на наштетувачки информации;

Авторите на овој извештај , овие три поими  ги вклучуваат во дефинирањето на  „лажните вести“, но нагласуваат дека е „важно да се разликуваат пораките што се „вистинити“ од оние што се  „лажни“, како и пораките што ги создаваат, произведуваат или дистрибуираат „актери“ кои имаат намера да предизвикаат штета, од тие кои не се тоа.

Во Кривичниот законик,  „говорот на омраза“ прецизно се регулира од кривичен аспект.  

Член 122, став 42

„Како дело од омраза изречно предвидено со одредбите од овој Законик, се смета кривично дело против физичко или правно лице и со нив поврзани лица или имот кое е сторено во целост или делумно поради реална или претпоставена (замислена, вообразена) карактеристика или поврзаност на лицето што се однесува на раса, боја на кожа, националност, етничко потекло, религија или уверување, ментална или телесна попреченост, пол, родов идентитет, сексуална ориентација и политичко уверување.“

Говорот на омраза претставува емотивен израз, при што деградира, заплашува, поттикнува омраза, насилство и/или дискриминација против поединец или група. Преку говорот на омраза се создава чувство на презирање и стереотипизирање базирано на негативните конотации кон лица или групи или кон нивните карактеристики. Говорот на омраза функционира врз основа на основни и силни емоционални концепти, тој создава и шири дискриминација, закани, страв и омраза.  Говорот на омраза и дискриминацијата претставуваат закана за демократските процеси и општествените вредности. Со помош на дигитализацијата, тие  локално, регионално и глобално, предизвикуваат конфликти, затоа што влијаат врз  граѓаните и процесите на носење  одлуки.

При анализирањето на говорот на омраза и дискриминација, важни се неколку аспекти:

  • Целта, односно намерата: дали станува збор за намерно ширење на расистички идеи или, пак, станува збор за обид за информирање на јавноста за проблематика од јавен карактер;
  • содржината на говорот;
  • контекстот- што довело до говорот, преку кој медиум, до која публика, политичката, социјалната и економската состојба и услови;
  • кое е лицето кое е одговорно за изразување на говорот на омраза. Многу лица може да бидат генератори на говорот на омраза, како што се новинари и уредници, но и политичари или избрани функционери, верски претставници и лидери итн;
  • ефектот кој говор го има врз јавноста, односно прецизно диференцирање на говорот од обична дискусија меѓу двајца, до комуникација во која се вклучени многумина кои ќе помогнат во понатамошното дистрибуирање и ќе влијаат врз јавноста

Голем број кривични закони  во Европа го забрануваат говорот на омраза, третирајќи го како кривично дело.

ГОВОРОТ НА ОМРАЗА СЕ СМИРУВА КАЈ ТРАДИЦИОНАЛНИТЕ МЕДИУМИ, НО РАСТЕ НА ДИГИТАЛНИТЕ ПЛАТФОРМИ

Статистичките бројки  укажуваат дека постои тренд на намалување на говорот на омраза кај традиционалните медиуми. Но,  за разлика  од овие медиуми, говорот на омраза интензивно е пристутен  преку онлајн медиумите и социјалните мрежи. И коментарите на објавите преку социјалните мрежи се значаен дел во оваа проблематика.

Претседателот на Жалбената комисија на СЕММ, Мирче Адамчевски на дебата „Говорот на омраза и дискриминаторните практики во медиумското известување – до каде сме?“, информираше дека бројот на жалби поврзани со член 10 од Кодексот на новинари покажува тренд на опаѓање кај традиционалните медиуми. Во 2014 имало 28,8% одлуки поврзани со жалбите за овој член, во 2019, процентот се намалил на 20%, а годинава заклучно со август, има само 5% или 4 одлуки, од кои две одлуки се на жалбите на коалицијата Маргини, едната за колумна во порталот Вечер.мк, а другата за Магазин.мк. Тој нагласи дека, за сметка на традиционалните медиуми, прекршувањето на член 10 кај онлајн медиумите покажува прогресивен раст. Според него, оваа проблематика особено е нагласена во периодот на справувањето со кризата предизвикана од КОВИД -19.  Во  2019 е формирана Мрежа за борба против говор на омраза во медиумите, чиј иницијатор и координатор е Советот за етика во медиумите на Македонија, а Адамчевски на дебатата најави и изготвување на Кодекс за етичко известување на онлајн медиумите, на кој ќе претходи и детална анализа.

Емилија Петреска – Камењарова од Одделението за човекови права и медиумска писменост  при Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги на дебата спомена неколку примери кои извршиле влијание во поглед на третманот на говорот на омраза преку дигиталните платформи.

Случајот Делфи Ас во Европскиот суд за човекови права ја исфрли на површина одговорноста на онлајн медиумите во поглед на коментарите кои ги искажуваат корисниците преку социјалните мрежи.  Судот во овој случај  заклучил дека интервенцијата во правото на изразување била во согласност со законот и дека говорот на омраза изразен во коментарите на корисниците не ја ужива  заштитата од членот 10 од Европската конвенција за човековите права. Она што е важно за оваа одлука е фактот дека Судот ги одбил аргументите на издавачите од компанијата „Делфи“, која управувала со еден од најголемите медиумски портали во Естонија. Имено, тие навеле дека улогата на порталот како давател на информациски услуги и чување на податоци е само техничка, односно пасивна и неутрална. Судот смета дека иако „Делфи“ не била автор на ваквите коментари тоа не значи дека немала контрола врз просторот во кој биле креирани коментарите.

Говорниците на дебатата заклучија дека говорот на омраза и дискриминација се силно присутни на социјалните мрежи, особено преку коментарите под содржините кои ги објавуваат и традиционалните и онлајн медиумите. Оваа проблематика силно продира како кај нас, така и во регионот на Балканот. Најчесто редакциите се оградуваат, укажувајќи дека не располагаат со доволно ресурси, со кои би ги реагирале кај коментарите преку дигиталните платформи. Тоа секако не ги ослободува од одговорноста. Освен ограничените ресурси, факторите кои влијаат во поглед на културата на говор при коментирање преку дигиталните платформи се и сензационализмот, но и незаштитеноста на приватноста.

Законодавната рамка на Република Северна Македонија која го детектира и треба да го санкционира говорот на омраза е усогласена со меѓународните стандарди и документи.  Во земјава има само една судска разрешница поврзана со говорот на омраза, а тоа е сериозен проблем.  

Единствената  пресудата досега  во земјава е поврзана за статус објавен на социјалната мрежа Фејсбук. Имено, Актерот Тони Михајловски доби условна казна за заканата упатена на Фејсбук кон новинарот Бранко Тричковски во која напиша дека би го убил без око да му трепне. Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение против актерот кој призна вина и му се извини на новинарот за заканите.

Толерирањето на говорот на омраза претставува  лесно запалива искра.  Овој моментум укажува дека постои проблем при непрепознавањето на говорот на омраза како општествено опасен феномен, кој би можел да предизвика негативни последици, односно дела од омраза. Справувањето со говорот на омраза бара силна посветеност и одговорност. Притоа сите се важни, и медиумските здруженија, и Јавното обвинителство, и медумите, па дури и самите граѓани.