Непознавањето на ризиците од злоупотребата на говорот и користењето на говорот на омраза дури и на социјалните мрежи може да предизвикаат општествени тензии кои би го нарушиле јавниот ред и мир.

Токму затоа, новинарите, уредниците, а особено главните уредници, како главни креатори на уредувачката политика и одговорни за објавените содржини во медиумите имаат голема одговорност, пред сè пред јавноста, бидејќи говорот на омраза и изразите што содржат негови елементи имаат штетно влијание доколку се шират преку средствата за масовна комуникација.

Уште поважно, уредниците треба да бидат претпазливи, а особено во случаи кога истиот говор води кон насилство, а е изразен од страна на публиката. Пред сè, се мисли на коментарите кои се објавуваат на онлајн медиумите. Оттука улогата на уредниците во овие медиуми е многу битна. Имено, онлајн медиумите, како и традиционалните медиуми имаат одговорност да не објавуваат коментари кои можат да го достигнат нивото на говор на омраза, надминувајќи ги границите на јавната критика.